Управа за јавни приходи ги потсети граѓаните дека се ближи крајниот рок за проверка и потврда на Годишната даночна пријава за приходите остварени во 2025 година.
Според информациите од УЈП, даночните обврзници имаат време најдоцна до 1 јуни 2026 година преку системот „е-Даночни услуги“ да направат увид, да ја потврдат или доколку е потребно да ја коригираат својата пријава.
Од Управата појаснуваат дека рокот е продолжен бидејќи 31 мај паѓа во недела, па последен ден за постапување е понеделник, 1 јуни.
По истекот на рокот, односно од 2 јуни, сите непотврдени годишни даночни пријави автоматски ќе се сметаат за конечни, додека коригираните пријави дополнително ќе бидат разгледувани и одобрувани од службени лица на УЈП.
Според официјалните податоци, за 2025 година биле генерирани вкупно 862.896 даночни пријави, што претставува зголемување од повеќе од 21 илјада пријави во споредба со претходната година.
Досега, според УЈП, потврдени се само 27.788 пријави, што значи дека голем број граѓани сè уште не ја завршиле обврската.
Од Управата посочуваат дека податоците од годишната даночна пријава се користат и за издавање уверенија за остварен доход, како и за остварување права пред други институции.
Дополнително, граѓаните кои во текот на 2025 година оствариле приход поголем од два милиони денари по основ на издавање деловен простор, услуги или продажба на земјоделски производи, може да имаат и обврска за регистрација како ДДВ-обврзници.
Кај лицата кај кои ќе биде утврдена обврска за доплата на данок, по завршување на рокот УЈП автоматски ќе генерира налог за доплата со фолио број, додека оние кои платиле повеќе данок ќе можат да поднесат барање за поврат на средствата.








