Управата за јавни приходи (УЈП) излезе со важно соопштение до сите правни и физички лица кои во текот на 2025 година оствариле вкупен промет над 2.000.000 денари од оданочив промет на добра и услуги. За нив постои законска обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (ДДВ-01).
Оваа обврска се однесува и на физички лица кои изнајмуваат деловен простор, даваат менаџерски, правни, економски, инженерски или занаетчиски услуги, одржуваат приватни часови, остваруваат приходи од продажба на земјоделски производи или вршат друг оданочив промет, доколку во 2025 година го надминале прагот од 2.000.000 денари.
УЈП појаснува дека вкупен промет за цели на ДДВ претставува прометот остварен од продажба на добра и извршени услуги во текот на годината. Во овој износ не се вклучуваат промети кои се ослободени од ДДВ без право на одбивка, како што се изнајмување станбени објекти за живеење, осигурителни услуги, здравствени услуги, услуги за изучување странски јазици, услуги на компјутерски центри и меѓународен превоз на патници.
Исто така, не се вклучува прометот кон странски даночни обврзници кој не подлежи на ДДВ, како консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги извршени за странство.
За оние кои дејноста ја вршеле само дел од годината, годишниот промет се пресметува пропорционално. Како пример, ако закуп на деловен простор започнал на 1 јули 2025 година со месечна закупнина од 200.000 денари, вкупниот годишен промет се пресметува на 2.400.000 денари, што значи дека постои обврска за ДДВ регистрација.
Пријавата за регистрација за ДДВ може да се поднесе и доброволно. Крајниот рок за поднесување е 15 јануари 2026 година, електронски преку системот eTax, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. Физичките лица кои се ДДВ обврзници мора да обезбедат дигитален сертификат за електронско потпишување.
Истовремено, УЈП информира дека обврзниците кои не го надминале прагот од 2.000.000 денари и кај кои поминале најмалку три години од регистрацијата, имаат можност да поднесат барање за отповикување на ДДВ регистрацијата. Ова важи и за оние кои две последователни години имале промет под прагот и не искажале претходен данок за одбивање.
Рокот за поднесување на Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ (ДДВ-01Б) исто така е 15 јануари 2026 година.
УЈП дополнително предупредува дека може службено да ја прекине ДДВ регистрацијата доколку утврди неподносување даночни пријави, немање активност, непостоење на пријавената адреса или претходно идентификувано даночно затајување.

















