Антивладините протести што го потресуваат Иран од 28 декември наваму однесоа најмалку 1.850 човечки животи, пренесуваат светските агенции, повикувајќи се на извештаи од организации за човекови права и независни извори. Најголемиот дел од жртвите, според досегашните податоци, се млади луѓе на возраст до 30 години.
Меѓу загинатите има и деца, вклучително и бебиња и деца до тригодишна возраст, што дополнително ја засилува загриженоста и шокот во меѓународната јавност. Во судирите животот го загубиле и припадници на безбедносните сили на режимот, што укажува на жестината и ескалацијата на насилството на улиците.
Иако официјалните бројки говорат за најмалку 1.850 загинати, сè погласни се стравувањата дека реалната бројка е значително поголема. На социјалните мрежи кружат тврдења дека бројот на жртви надминал 12.000, но овие информации засега не можат независно да се потврдат. Дополнителен проблем претставува фактот што од минатата недела интернетот и мобилната комуникација во голем дел од земјата се исклучени, што ја отежнува проверката на податоците и известувањето од терен.
Протестите избувнаа како резултат на длабоката економска криза, енормната инфлација и драстичниот раст на цените, што предизвика масовно незадоволство кај граѓаните. Со текот на времето, демонстрациите прераснаа во поширок бунт против владејачкиот режим, а реакцијата на властите доведе до една од најкрвавите репресии во поновата историја на земјата.
Снимките што се појавуваат на интернет, и покрај ограничувањата, сведочат за сурови сцени, насилство и човечки трагедии, оставајќи отворено прашање колку навистина е висока цената што Иран ја плаќа за овие протести.

















