Основното јавно обвинителство во Тетово отвори постапка против маж кој се сомничи дека сторил кривично дело – Загрозување на сигурноста, според член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Инцидентот се случил на 9 декември во заедничкиот дом на семејството во Тетово. Според информациите од обвинителството, расправијата почнала поради продолжен кабел што сопругата го купила и не сакала да му го даде на користење.
Во момент на силна нервоза, осомничениот започнал да ја навредува и да и се заканува. Според објавените детали, тој и рекол дека може да ја избрка од домот заедно со нивните две малолетни деца или дури да ја фрли од прозорецот на четвртиот кат.
По предлог на јавниот обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово одлучил да му определи притвор од 8 дена на осомничениот, со цел да се обезбеди безбедноста на семејството и непречено водење на истрагата.
















