Пратеникот Милошоски најави дека премиерот Христијан Мицкоски, по враќањето од Обединетите Арапски Емирати, ќе има разговори со секој коалиционен партнер, вклучително тука и со партиите што се во коалицијата ВЛЕН, а исто и со министерот за здравство Арбен Таравари
Лидерот на дел од Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој реши на локалните избори да оди со свои советнички листи, што беше причина да се разниша коалицијата ВЛЕН, потврди дека разговорал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Таравари, како што пренесува телевизија Алсат, во интервју за „Лајм“ изјавил дека немал средба со Ахмети, туку дека разговарале телефонски.
На новинарско прашање дали имал средба со Ахмети или, пак, очекува да имаат Таравари вели:
„Не, не, не. Имаше телефонски разговор и тоа е…“.
Претходно, по информациите дека тој е во комуникација со Демократската унија за интеграција, неговиот коалиционен колега од ВЛЕН, лидерот на Демократско движење, Изет Меџити го повика Таравари да пресече дали е дел од нив или е во преговори со ДУИ и Али Ахмети.
Околу превирањата во ВЛЕН и влијанието врз владината коалицијата, вчера во интервју за телевизија Алсат, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, рече дека не се задоволни што има вакви турбуленции кај нивниот коалиционен партнер. Тој додаде дека ова е партискиот став.
„Како претставник на ВМРО-ДПМНЕ може да го кажам ставот на партијата, а на Владата ќе го слушнеме од премиерот. Не сме задоволни што има вакви турбуленции во коалицијата ВЛЕН. Ние би биле многу посреќни ако тие успеат да ја задржат својата политичка компактност бидејќи таа беше еден силен адут за да ја добиеме заеднички довербата од гласачите“, рече Милошоски.
Целиот текст на 360stepeni.mk