Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека се надеваат дека истрагата за пожарот во Кочани ќе биде завршена за максимално краток временски период, за да се продолжи со останатите дејства во постапката.
„Сите преземени активности во рамки на истрагата се споделени со јавноста“, истакна Тошковски, додавајќи дека истрагата се уште е во тек и се води од страна на Јавното обвинителство. Министерството за внатрешни работи, како што напомена, постапува по добиени насоки и наредби од ЈО.
Последните информации од Основното јавно обвинителство во Кочани се дека е поднесен предлог за замена на мерката куќен притвор за двајца осомничени, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, со мерки на претпазливост. Првпат се бараат мерки за претпазливост и за еден осомничен кој досега бил на лекување по пожарот во Кочани.
Ексминистерот за економија, Крешник Бектеши, останува во притвор, додека поранешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, преминуваат од затворски во куќен притвор.