ПРВ.мк
Македонија

СВЕДОК ТВРДЕШЕ ДЕКА ДАВАЛ МИТО ЗА ЛЕК – ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО ЗА „ОНКОЛОГИЈА“

СВЕДОК ТВРДЕШЕ ДЕКА ДАВАЛ МИТО ЗА ЛЕК – ПРОДОЛЖИ СУДЕЊЕТО ЗА „ОНКОЛОГИЈА“
Kristal

Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за предметот „Онкологија“ против поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, обвинети за несовесно лекување пациенти. На рочиштето беа сослушани шест сведоци предложени од Обвинителството, кои се законски застапници на починати пациенти.

Еден од сведоците тврдеше дека дал мито од 500 евра за да обезбеди терапија, која, како што рече, ја добивал од фрижидер во канцеларијата на Васев. Според неговиот исказ, парите ги давал лично во кабинетот на директорот, но нема никакви документи или докази за тоа, ниту пак случајот го пријавил некаде.

– Немам документи, не мислев дека ќе ми требаат. Верувам дека ги има во досиејата – изјави сведокот, додавајќи дека не знаел каде би можел да пријави такво нешто.

На прашање од обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, тој изјави дека лекот ѝ бил предаван на медицинска сестра за апликација по договор со директорот.

Друг сведок раскажа дека неговата мајка била лекувана на Онкологија, но терапијата што ја примала не давала резултати. Адвокатот на обвинетата докторка Црвенкова, Владимир Туфегчиќ, приговори на исказот, тврдејќи дека сведочењето е „конструирано“ и дека медицинските податоци покажуваат дека пациентката имала галопирачки карцином.

Сведочеше и жена која изјави дека нејзината мајка ја лекувала докторката Црвенкова, за што не ѝ биле барани пари, но таа доброволно давала средства „со срце и душа“, бидејќи го гледала спасот во докторката.

На ова реагираше самата Црвенкова, која категорично негираше дека некогаш побарала или примила пари.– Никогаш ниту сум побарала, ниту сум добила средства. Тоа е тешко обвинение за мене. Работам 30 години и знам колку е оваа болест страшна – рече обвинетата.

Одбраната на Васев, преку адвокатот Дељо Кадиев, посочи дека Јавното обвинителство не доставило сите записници од изјавите на сведоците, што, според него, ја става одбраната во нерамноправна положба.

Судењето го води судијката Снежана Марковска. Покрај Васев, Црвенкова и Јакимовски, во случајот беше обвинета и докторката Мери Пешевска, која го призна делото и доби две години условна казна.

Обвинението ги товари лекарите за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, со тврдење дека 29 пациенти добиле неподобни терапии со погрешни дози и без соодветна проценка на здравствената состојба.

По рочиштето, адвокатот Туфегчиќ изјави дека обвинителството се потпира на сведоштва без конкретни докази, и дека сведоците изнесуваат лични перцепции, а не медицински факти.– Сите сведоци денеска потврдија дека се работело за неизлечиви случаи и дека доктор Симонида направила сè што било во нејзина моќ – рече тој.

Судењето ќе продолжи со нови сведочења во наредниот период.

Escape