ПРВ.мк
Македонија

СТУДОТ СЕ ЗАКАНУВА НА РОДОТ: УХМР со предупредување по температурите под нулата

СТУДОТ СЕ ЗАКАНУВА НА РОДОТ: УХМР со предупредување по температурите под нулата

Агрометеоролозите од УХМР предупредуваат дека раниот есенски мраз и температурите под нулата, кои изминатите денови се регистрирани во повисоките региони на земјава, можат да предизвикаат сериозни штети врз земјоделските култури.

Особено изложени се подрачјата околу Демир Хисар, Берово и Делчево, каде ниските температури претставуваат ризик за културите кои сè уште се во активна вегетација.

Најзагрозени се пиперката, доматот и компирот, како и доцните сорти грозје кои сè уште не се собрани. Кај топлољубивите зеленчукови култури мразот може да ги оштети листовите и плодовите, додека кај грозјето ниските температури можат да влијаат врз содржината на шеќер во зрната.

Поради тоа, агрометеоролозите апелираат земјоделските производители навреме да реагираат и да ги приберат сите дозреани плодови што се наоѓаат на отворено.

За површините што се подготвуваат за новата сеидба се препорачува навремена длабока и површинска обработка на почвата, со што се создава растресит слој погоден за правилно сеење.

Се препорачува и основно ѓубрење со потребните хранливи елементи, како и соодветна подготовка на почвата со цел подобро задржување на влагата и создавање поволни услови за активност на корисните микроорганизми.