Во пресрет на празничните прослави и дочекот на Новата година, надлежните институции повторно предупредуваат дека користењето огномети и петарди не е дозволено и може да резултира со високи санкции, кои за многумина ќе претставуваат сериозен финансиски удар.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека ваквите пиротехнички средства претставуваат опасност по животот и здравјето на граѓаните, особено по младите, и дека нивната употреба не смее да се сфаќа како безопасна забава. Покрај повредите кои можат да настанат во моментот на користење, последиците често се трајни и оставаат сериозни оштетувања.
Според Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, во член 31, за секое неовластено користење пиротехнички средства е предвидена глоба. Казната се движи од 200 до 500 евра во денарска противвредност за лица кои употребуваат петарди, огномети, експлозивни или лесно запаливи материјали, или на било кој начин го нарушуваат јавниот ред и мир и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.
Освен паричните санкции, Кривичниот законик во член 396 предвидува и затворски казни за оние кои неовластено изработуваат, поседуваат или тргуваат со оружје, муниција и експлозивни материи. За вакви дела, законот пропишува затвор од три до десет години, а во случаи кога станува збор за поголеми количини или за забранети средства, минималната казна изнесува пет години затвор.
Од МВР апелираат граѓаните да покажат одговорност и да ги почитуваат законските одредби, со цел празниците да поминат без инциденти. Секое нарушување на јавниот ред и мир може да се пријави во полициска станица или преку броевите 192 и 112.
















