Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), Стојанче Кашиковски, изјави дека синдикатот го поддржува новиот закон за заштита од пушење, но истовремено бара да се изнајдат решенија со кои нема да се предизвика намалување на бројот на работни места во овие сектори.
– Ние како синдикат имаме одредени забелешки кои ќе ги доставиме. Очекуваме и угостителите, односно Комората на работодавачи, да ги изнесат своите ставови. Нашите забелешки се насочени кон тоа да не се изгубат работни места. Свесни сме дека угостителството и туризмот веќе се соочуваат со недостаток на кадар. Покрај ниските плати, дел од работниците заминуваат во странство. Сметаме дека и ова законско решение може да претставува дополнителен мал удар што ќе влијае на бројот на вработени во овие два сектора – изјави Кашиковски.
Тој потсети дека во претходниот закон постоеше решение со кое во угостителските објекти беа предвидени посебни простори за пушачи, што според него било подобар баланс меѓу различните интереси.
– Потребна е посилна контрола и сметаме дека на тој начин може да се задоволат и двете страни. И досегашниот закон предвидуваше одредени простори за пушачи, таканаречени тераси или посебни делови каде што тие можеа да го користат своето право. Со стриктна примена на законот и со засилени контроли, може да се постигне ефект без дополнителни негативни последици – нагласи Кашиковски.
Претседателот на СУТКОЗ додаде дека синдикатот дава поддршка и за построг закон за угостителство, кој го подготвува Министерството за економија и труд.
– Како синдикат, меѓу другото, го застапуваме прашањето за безбедност и здравје при работа. Сметаме дека со построги законски решенија ќе се намалат ризиците од повреди кај посетителите во одредени објекти, а заштитата на работниците во угостителството и туризмот ќе биде на повисоко ниво. Покрај унапредувањето на работничките права, ние се залагаме за целосно почитување на мерките за безбедност и здравје при работа, не само за вработените, туку и за сите посетители – истакна Кашиковски.
















