Над 80 отсто од домашните миленици во Македонија не се кастрирани, што според стручните лица директно придонесува за зголемување на бројот на бездомни животни на улиците. Овој податок повторно го отвори прашањето за одговорното сопствеништво и системското управување со популацијата на животни.
Темата била во фокус на состанок на пелагониските општини, организиран од Агенцијата за храна и ветеринарство, каде се дискутирало за улогата на локалните власти во справувањето со бројот на кучиња и контролата на нивното размножување.
Според учесниците, голем дел од сопствениците на миленици не практикуваат стерилизација или кастрација. Проблемот дополнително се продлабочува кога животните ќе добијат младенчиња, а сопствениците немаат капацитет или одговорност да се грижат за нив, па дел од нив завршуваат на улица, што директно ја зголемува бездомната популација.
Во моментов се подготвуваат измени на Законот за благосостојба на животните, со кои треба да се воведе построг пристап кон одговорното сопствеништво и контрола на репродукцијата кај домашните миленици.
Според најавите, сопствениците кои нема да ги стерилизираат или кастрираат своите кучиња ќе мора да ги регистрираат и да подлежат на ветеринарен надзор, со цел да се следи нивниот број и да се спречи неконтролирано размножување.
Професорот од Факултетот за ветеринарна медицина, Влатко Илиевски, посочи дека проблемот често се гледа само преку последиците, односно бездомните кучиња, но не и преку изворот од кој тие доаѓаат. Тој нагласи дека новите законски измени се насочени токму кон контрола на размножувањето како клучен фактор.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство истакнуваат дека резултатите од масовна стерилизација и кастрација не се моментални, туку се очекуваат по неколку години, односно во период од пет до седум години, кога би можело да се забележи намалување на популацијата на улиците.
Во државата сè уште не постои точна и целосна евиденција за бројот на бездомни кучиња, освен проценките за Скопје, каде во 2023 година биле регистрирани околу 4.500 бездомни животни.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, посочи дека проблемот не може да се реши брзо, но дека општините преземаат мерки како отворање прифатилишта и воведување телефонски линии за пријавување на кучиња без надзор.
Тој додаде дека дополнителен предизвик претставуваат таканаречените „маалски кучиња“, кои граѓаните често ги хранат на јавни површини, околу згради и институции, со што дополнително се зголемува нивниот број во урбаните средини.
Во своето обраќање, Коњановски изрази и сомнеж за постоење на организирани пријави за каснувања од улични кучиња, за кои тврди дека понекогаш се злоупотребуваат за финансиски цели.
Проблемот со бездомните животни останува едно од најкомплексните прашања за локалните власти, бидејќи бара истовремено хуман пристап, поголема одговорност од сопствениците и долгорочен систем за контрола на популацијата, наместо привремени решенија.






