Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) денеска избира нов партиски претседател. Актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, е единствен кандидат за претседател на партијата на редовните внатрепартиски избори.
Изборите ќе се спроведат во општинските организации на СДСМ ширум републиката на 78 избирачки места, кои на денот на гласањето ќе бидат отворени од 08 до 20 часот. Надлежна за спроведување на гласањето е Централна изборна комисија.
Од СДСМ информираат дека Централната изборна комисија го потврдила и го затворила Избирачкиот список, на кој активно регистрирани се 23.712 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и се што е потребно за изборниот ден.
-Сите активно регистрирани членови на СДСМ ќе можат да го остварат своето право на непосредно и тајно гласање за избор на претседател во својата општина на соодветно гласачко место. Членовите што гласаат, со себе задолжително треба да ја има електронската членска картичка на СДСМ и важечки личен документ за идентификација (лична карта или пасош). Гласањето на болни и немоќни е овозможено, еден ден порано, односно во сабота на 05.04.2025 година.
СДСМ информираа дека информацијата за резултатот ќе го соопштат денеска по завршување на процесот на гласањето.