Денеска свечено беше отворена реконструираната обиколница кај Крива Паланка, на која присуствуваа високи владини претставници. Новата патна делница се протега во должина од 4,5 километри и ширина од 7,5 метри, со поставена хоризонтална и вертикална сигнализација, а реконструкцијата опфати и двата моста на трасата.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски потенцираше дека оваа обиколница претставува значајна патна инфраструктура и е дел од Коридорот 8. „Ова не е само локална обиколница на Крива Паланка, туку и важна врска со соседна Бугарија“, истакна Николоски.
Тој најави и реконструкција на граничниот премин Деве Баир, кој води кон Бугарија. Првата фаза опфаќа обнова на постоечкиот објект и се очекува да заврши до јуни. Втората фаза предвидува проширување на преминот за поголем проток на возила и подобра инфраструктурна поврзаност.
Според Николоски, со експресниот пат до Страцин, новата обиколница и реконструкцијата на граничниот премин, Македонија го комплетира источниот дел од Коридорот 8. „Големи проекти не можат да се водат без поддршка од првиот човек на Владата. Премиерот Христијан Мицкоски е посветен на овие проекти, а истовремено се работи и на железничкото поврзување“, додаде тој.
Премиерот Мицкоски истакна дека во наредниот период се планирани вложувања од неколку стотици милиони евра во овој дел од државата, со цел подобрување на патната и железничката инфраструктура, како и завршување на втората фаза од реконструкцијата на граничниот премин. „Овие капитални инвестиции ќе ги поттикнат луѓето да се вратат дома и ќе обезбедат долгорочен развој за регионот. Очекувам дека многу скоро ќе видиме реални резултати од проектите за кои работиме последните две години“, изјави Мицкоски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, нагласи дека обиколницата е изградена според сите стандарди за безбедност и функционалност, обезбедувајќи непречено и сигурно движење на возилата на овој важен регионален пат.
Оваа обиколница значително ќе го олесни сообраќајот низ Крива Паланка и ќе ја подобри поврзаноста со соседната држава, со што се создаваат предуслови за зголемување на трговската и економската активност во источниот дел на Македонија.


















