На последната седница, која се одржа минатиот вторник (24.02.2026), Владата на предлог на Министерството за здравство донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија. Целта е создавање единствен центар за кардиоваскуларна медицина, со повисок степен на интеграција, координација и ефикасност во третманот на пациентите.
Министерот за здравство, Азир Алиу, појаснува дека со оваа одлука се овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес – од превенција и дијагностика, до интервенции и хируршки третман. Укинувањето на административните дупликати и оптимизацијата на организациската структура ќе овозможи заштеда на средства, кои ќе се реинвестираат во модернизација на медицинската опрема, унапредување на квалитетот на услугите и професионална едукација на кадарот.
Спојувањето на двете клиники ќе овозможи подобра искористеност на капацитетите, интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби, како и зголемен број интервенции. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа без административни пречки и чекање трансфер, со што се зголемува достапноста и континуитетот на здравствените услуги.
Воедно, со формирање обединет академски центар се предвидува развој на едукација и истражување, со можности за обука на специјализанти и супспецијализанти, како и за развој на научни програми во областа на кардиоваскуларната медицина.


















