ОВР Неготино поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци против К.Н. (29) од Велес и Г.М. (54) со престој во Скопје, поради сомнение за вкупно 11 кривични дела – десет „измама во обид“ и едно „измама“.
Според МВР, измамата се одвивала на организиран начин: лице од странство телефонски контактирало повозрасни граѓани, лажно претставувајќи се како доктор, и ги доведувало во заблуда дека нивни блиски се тешко повредени и итно им е потребна операција. Со ова се обидувале да извлечат големи суми пари.
Осомничените К.Н. и Г.М. имале улога да ги подигнуваат парите од жртвите, по што тие биле предавани на лице во Софија, Бугарија.
Во еден случај, успеале да измамат 81-годишна жена од Неготино и да ѝ земат 314.600 денари.
К.Н. бил уапсен на 19 февруари и во полициска станица го признал делото. Два дена подоцна, на граничниот премин Деве Баир, бил приведен и Г.М., кај кого биле пронајдени 4.400 евра, додека кај неговата сопруга биле пронајдени уште 4.350 евра.
Полицијата продолжува со расчистување на случајот.



















