Лишен од слобода косовски државјанин, пренесувал облека од познати марки без документација
На 15.05.2025 околу 04.10 часот на автопатот Куманово-Скопје, во близина на влезот на Куманово, полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки во Одделот за гранични работи и миграции при БЈБ запреле и извршиле контрола во автобус „мерцедес“ со турски национални ознаки, управуван од турски државјанин, а кој сообраќал на релација Турција – Бугарија – Македонија – Косово. При прегледот на патниците, кај М.Ш.(36) од Косово биле пронајдени повеќе парчиња разновидна облека од познати трговски марки за кои не поседувал документација.
Лицето било лишено од слобода и предадено на полициски службеници од СВР Куманово. По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.