ПРВ.мк
Македонија

ПРАТКА ОД ШПАНИЈА ПРЕДИЗВИКА СОМНЕЖ: Цариниците открија 700 грама хашиш!

ПРАТКА ОД ШПАНИЈА ПРЕДИЗВИКА СОМНЕЖ: Цариниците открија 700 грама хашиш!

Царинските службеници откриле 700 грама хашиш во поштенска пратка пристигната од Шпанија, која била нарачана од македонски државјанин со иницијали Р.В. од Тетово.

Од Царинската управа информираат дека лицето било приведено во моментот кога ја подигнало пратката. По случајот, против него е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.

Пратката пристигнала во Царинската испостава Пошти, каде што била селектирана за детална контрола. При отворањето, царинските службеници забележале неколку херметички затворени кеси во кои имало седум пакувања со зелена цврста материја.

По откривањето на сомнителната содржина, биле повикани тимови од Одделението за оперативни работи. Царинско куче дополнително детектирало присуство на дрога во пратката.

Материјата била подложена на тестирање, при што било потврдено присуство на ТХЦ. Потоа, по налог на јавен обвинител, дрогата била испратена на вештачење.

Со вештачењето било утврдено дека станува збор за хашиш со вкупна тежина од 700 грама, по што дрогата била запленета.

Во моментот кога Р.В. дошол да ја подигне пратката, бил приведен од инспектори од Одделението за истраги. Против него е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

Од Царинската управа посочуваат дека борбата против сериозниот криминал останува меѓу нивните највисоки приоритети и најавуваат најстрого санкционирање на обидите за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.