ПРВ.мк
Македонија

Митко Јанчев: Историски момент за Кавадарци – започнува изградбата на нов Младински културен центар од 800 квадратни метри (ФОТО)

Митко Јанчев: Историски момент за Кавадарци – започнува изградбата на нов Младински културен центар од 800 квадратни метри (ФОТО)

Кавадарци добива нов простор посветен на младите, културата и креативноста. Започнува изградбата на новиот Младински културен центар, кој ќе биде дел од современ деловно-трговски комплекс со вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри.

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, почетокот на реализацијата го означи како историски момент за градот, бидејќи младите ќе добијат современ простор во кој ќе можат да ги развиваат своите идеи, да се дружат, создаваат и реализираат различни иницијативи.

Младинскиот културен центар ќе биде сместен на второто ниво од комплексот, ќе располага со површина од околу 800 квадратни метри и ќе има посебен влез.

Просторот е предвиден за културни и образовни содржини, креативни работилници, настани, дружење и реализација на младински иницијативи, со што Кавадарци треба да добие ново место за активно вклучување на младите во животот на градот.

Во рамки на новиот комплекс се предвидени и 25 паркинг места, како и дополнителни околу 40 паркинг места пред објектот.

Целокупната инвестиција и изведбата на објектот се на компанијата Five Star Building.

Со почетокот на изградбата, Кавадарци прави значаен чекор кон создавање современа инфраструктура за младите и отвора простор во кој нивните идеи, талент и креативност ќе можат да добијат свое место.