Советот на јавни обвинители на денешната седница донесе одлука да ја прекине функцијата на Мустафа Хајрулахи, поранешен шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, врз основа на негово сопствено барање за оставка.
Хајрулахи претходно беше суспендиран по поднесување обвинителен акт од Основното јавно обвинителство Штип, кој го товари со пет кривични дела „малтретирање во вршење службата“ и едно дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Обвиненијата се однесуваат на наводни постапки од септември 2023 до октомври 2024 година, кога, според истрагата, тој вршел притисок врз пет вработени жени, вклучувајќи недолични изјави и обиди да ги поттикне да потпишат изјави дека биле изманипулирани.
Хајрулахи ги негира сите обвинувања, оценувајќи дека постапката против него е политички мотивирана и ја поврзува со неговата улога во предмети поврзани со бонусите во поранешното СЈО.
На денешната седница, Советот разгледуваше и други важни точки, меѓу кои избор на нов претседател и формирање Комисија за спроведување на стратегијата за комуникација и транспарентност за периодот 2025–2028 година.

















