Граѓанската организација Анима Мунди потсетува дека денеска во Основниот кривичен суд продолжува постапката за случајот со убиените коњи во скопската зоолошка градина – случај кој веќе подолго време ја потресува јавноста.
Од организацијата истакнуваат дека судското рочиште е критичен момент: ќе се утврди дали институциите ќе повлечат јасна линија против насилството врз животните или трагедијата ќе биде релативизирана и потисната. Според нив, дел од надлежните органи се обидуваат да избегнат одговорност со повикување на ненадлежност, што би отворио простор за неказнивост и би го загрозил правосудниот систем и етичките стандарди.
Анима Мунди потсетува дека коњите биле убиени на суров начин додека биле под формална институционална заштита, што ја шокирало државата и ја открило ранливоста на животните. Организацијата бара најстроги санкции за сите лица што ќе се утврди дека биле инволвирани – директни извршители, како и оние кои со пропусти или премолчување придонеле злосторството да се случи.
Тие ги охрабруваат медиумите, граѓаните и други здруженија будно да го следат судењето, потенцирајќи дека транспарентноста е клучна за спречување на прикривање на случајот.
„Овој процес е тест за државата – дали правдата навистина е еднаква за сите, или системот ќе толерира насилство кога жртва е немо живо суштество“, истакнуваат од Анима Мунди. Исходот ќе покаже дали општеството ќе ја прифати бруталноста како нормална појава или ќе се спротивстави со јасни санкции.

















