ПРВ.мк
Македонија

Полни амбуланти во Скопје: За само една ноќ лекарска помош побарале 152 пациенти

Полни амбуланти во Скопје: За само една ноќ лекарска помош побарале 152 пациенти

Чекалните кај матичните лекари и дежурните амбуланти во Скопје се исполнети со пациенти, а во текот на една ноќ во шесте дежурни пунктови на Здравствениот дом Скопје биле прегледани 152 лица.

Според информациите, околу една третина од пациентите имале покачен крвен притисок, триесетина се пожалиле на болки во грлото, додека останатите побарале помош поради главоболки и стомачни тегоби.

Лекарите забележуваат зголемен број пациенти со симптоми на акутни респираторни инфекции, а кај дел од нив се појавуваат и компликации што бараат дополнителни испитувања.

Кај одредени пациенти бил потврден ковид, додека кај други симптомите наликуваат на сезонски грип.

Докторката Ангица Станоевска посочува дека клиничката слика кај дел од пациентите укажува на можно присуство на инфлуенца.

„Имаме пациенти кај кои клиничката слика многу наликува на инфлуенца, односно на грип“, изјави Станоевска.

Таа објаснува дека респираторните инфекции најчесто се забележуваат кај работоспособното население и децата на училишна возраст, каде што контактите меѓу луѓето се почести.

Дел од пациентите се испратени на дополнителна дијагностика, а лекарите ги очекуваат резултатите.

Во меѓувреме, најавено е започнување на вакцинацијата против сезонски грип од среда, 21 октомври.

Според објавените информации, обезбедени се 30.000 вакцини, а до 16 октомври биле пријавени околу 25.000 граѓани.

Приоритет при имунизацијата ќе имаат лицата со сериозни здравствени состојби и граѓаните постари од 65 години.