Од 1 февруари 2026 година во Македонија официјално започна примената на нови законски измени кои носат драстично заострување на казните во сообраќајот. Една од најстрогите мерки што се воведуваат е одземање на моторно возило за лица кои управуваат без стекнато право на возачка дозвола.
Според измените во Кривичниот законик, доколку лице управува моторно возило без да поседува валидна возачка дозвола и со тоа изврши кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, возилото со кое е сторено делото ќе биде конфискувано, доколку истото е во сопственост на сторителот.
Доколку возилото не е сопственост на лицето кое управувало, туку на трето лице, одземање ќе следува само во ситуации кога сопственикот знаел или, според околностите, бил должен да знае дека лицето кое го управувало возилото нема право да вози.
Со новите законски решенија, одземање на возилото е предвидено и за случаи на особено опасно пречекорување на дозволената брзина. Тоа се однесува на ситуации кога возач ќе ја надмине дозволената брзина за најмалку 70 километри на час во населено место или за 90 километри на час надвор од населено место. Доколку лицето претходно веќе било осудувано за вакво кривично дело, одземањето на возилото станува задолжителна мерка.
Мерката важи за сите видови моторни возила, без исклучок. Таа ги опфаќа патничките автомобили, мотоциклите, скутерите, како и сите други моторизирани превозни средства што учествуваат во сообраќајот.
Со овие измени, управувањето возило без возачка дозвола повеќе не се третира само како прекршок. Лицата што ќе бидат затекнати во ваква ситуација се соочуваат со кривична одговорност, што претставува сериозно заострување на досегашната казнена политика.
Од надлежните институции нагласуваат дека целта на новите мерки е значително намалување на бројот на тешки сообраќајни несреќи, подобрување на сообраќајната дисциплина и отстранување на најризичните учесници од патиштата, со што би се зголемила безбедноста за сите граѓани.

















