Девет години по заминувањето на музичката икона, конечно е откриена причината за смртта на Есма Реџепова – уметницата која со децении беше симбол на ромската музика и македонската сцена.
Нејзината поранешна менаџерка Весна Ѓеорѓиески проговори за последните денови од животот на пејачката и откри детали што досега не беа познати. Според неа, Есма со години се борела со дијабетес, но често го занемарувала сопственото здравје. На турнеја во Швајцарија ѝ се влошила состојбата, а по враќањето во Скопје веднаш побарала лекарска помош.
Испитувањата покажале сериозно оштетување на бубрезите како последица од дијабетесот, што довело до тешки компликации. Болеста нагло се влошила во рок од еден до два дена, по што била ставена во индуцирана кома од која, за жал, не се разбудила.
Последниот разговор меѓу нив бил преку видео повик. Иако веќе била ослабена, Есма зборувала за идните настапи и плановите за 2017 година. Кога менаџерката ја потсетила да внимава на здравјето, таа одговорила со зборови кои засекогаш ѝ се врежале во сеќавањето: „Оваа болест ќе помине, но мора да работиме, мора да живееме од нешто.“
Токму тие зборови денес звучат како тивка порака од жена која до последен момент верувала во животот и музиката.


















