Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против четири лица – двајца мажи и две жени – за кривично дело разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничените, како група, со употреба на сила одзеле 200 илјади денари од едно лице.
Инцидентот се случил на 30 октомври, кога оштетениот, заедно со една од осомничените жени, отишол во мотел во Скопје. Жената му предложила да повика уште една девојка, на што оштетениот се согласил, и набргу двете жени го убедиле да се преселат во друг, „поубав и поевтин“ хотел.
Откако излегле од собата, во темниот двор ги пречекале двајцата мажи, кои биле во договор со жените. Заедно, тие го нападнале оштетениот – го удирале со боксови по главата и телото додека не паднал на земја, и од неговите џебови одзеле пари, мобилен телефон и лична карта.
Јавниот обвинител веќе доставил предлог до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност повторно да извршат кривично дело. За една од жените која моментално е во бегство, мерката притвор ќе се применува веднаш по нејзиното пронаоѓање и лишување од слобода.















