ПРВ.мк
Македонија

Патувате во ЕУ? Од денес се менуваат правилата на границите, можни се големи редици

Патувате во ЕУ? Од денес се менуваат правилата на границите, можни се големи редици

Од денес, 6 септември, престануваат да важат привремените мерки за флексибилност при примената на европскиот Систем за влез и излез (EES), што може да донесе подолги задржувања за патниците од земјите надвор од Европската Унија.

Досега, при создавање големи гужви, надлежните имаа можност привремено да го ограничат или суспендираат земањето биометриски податоци. Со завршувањето на овој период, проверките треба да се спроведуваат целосно, вклучувајќи фотографирање и земање отпечатоци од прсти кога тоа е предвидено со системот.

Промената е особено значајна и за македонските граѓани кои патуваат во земјите каде што се применува EES, бидејќи Македонија не е членка на ЕУ.

Претставници на туристичкиот и авио-секторот предупредуваат дека целосната примена на системот може повторно да предизвика подолги редици на некои од најфреквентните гранични премини и аеродроми.

Според податоците наведени од авиоиндустријата, проверка која претходно траела околу 20 секунди, со новите биометриски процедури во одредени случаи може да трае и до 90 секунди по патник.

На дел од големите европски аеродроми веќе се забележани подолги периоди на чекање, а во најоптоварените термини тие можат да достигнат и до два часа.

Туристичките организации и авиокомпаниите затоа бараат од Брисел да се продолжи периодот на флексибилност, предупредувајќи дека дел од аеродромите и граничните премини сè уште немаат доволно автоматизирани киосци и персонал.

За македонските граѓани ова практично значи дека при патување кон земјите опфатени со EES треба да се смета на можност за подолга гранична процедура, особено во периодите со зголемен сообраќај.