Министерството за внатрешни работи соопшти дека е расчистен случајот со малолетното девојче кое на 30 јуни било физички нападнато во парк во Општина Аеродром, додека други присутни малолетници го снимале настанот со мобилни телефони.
По спроведените активности и прибирањето на информациите, полицијата поднела кривични пријави до Основното јавно обвинителство Скопје против четворица малолетници, како и против пет родители поради сомненија поврзани со случајот.
Според информациите од МВР, две малолетнички добиле кривични пријави за делото „Насилство“, додека двајца малолетници се пријавени за „Поттикнување“ и „Неовластено снимање“.
Освен тоа, пријави се поднесени и против петмина родители за „Запуштање и малтретирање на дете“, поради нивната одговорност во однос на грижата и постапувањето кон малолетните лица.
Од полицијата информираат дека службениците од полициските станици во Аеродром, Драчево и Кисела Вода презеле низа активности за целосно документирање на случајот и утврдување на сите околности.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста поради фактот што нападот бил снимен и споделуван, а надлежните институции посочуваат дека продолжуваат со постапките за утврдување на одговорноста на сите лица опфатени во истрагата.



