ПРВ.мк
Македонија

Откриена кражба на струја вредна над 22.000 евра во Македонија!

Откриена кражба на струја вредна над 22.000 евра во Македонија!

Во подрачјето на Попова Шапка е откриен случај на сериозно неовластено користење на електрична енергија, при што штетата се проценува на над 22.000 евра.

Акцијата е спроведена во координација меѓу СВР Тетово и екипите на Електродистрибуција Северна Македонија, преку нивниот Кориснички енерго центар во Тетово.

При теренска контрола било утврдено дека во еден деловен комплекс на Попова Шапка се вршело противправно приклучување на електрична енергија. Според утврденото, бил користен директен кабелски приклучок преку нисконапонска мрежа, со што електричната енергија се користела без одобрение и без мерење на потрошувачката.

Од надлежните служби е составен записник за утврдената состојба, а против одговорните е поднесена пријава за неовластено преземање електрична енергија согласно член 235-а од Кривичниот законик.

Дополнително, изготвена е и фактура за надомест на штета во износ од 1.361.599 денари, со што се утврдува финансискиот обем на злоупотребата.

Случајот е предаден на понатамошна постапка, а институциите најавуваат засилени контроли за спречување на слични кражби на електрична енергија во туристичките и деловните објекти на подрачјето на Попова Шапка.