ПРВ.мк
Македонија

ООН пресече во корист на Македонец, а Бугарија има рок да реагира

ООН пресече во корист на Македонец, а Бугарија има рок да реагира

Бугарија се соочува со нов меѓународен притисок, откако Комитетот за човекови права на Обединетите нации утврдил прекршување на правото на слобода на здружување во случај поврзан со етнички Македонец. Според одлуката, Софија треба да обезбеди соодветна компензација и да ги преиспита спорните судски пресуди во рок од шест месеци.

Случајот се однесува на обид за регистрација на невладина организација „Комитет за заштита на човековите права – Толеранција“, кој бил одбиен од бугарските судови и покрај доставената комплетна документација. Одлуката била потврдена и на повисока инстанца, без детално образложение за причините.

Комитетот на ООН оценил дека ваквиот пристап е нејасен и претерано формалистички, при што не биле земени предвид дополнителните информации доставени од подносителот. Со тоа, според нивните наоди, било повредено едно од основните права во демократско општество – правото на здружување.

Покрај барањето за финансиска компензација, Бугарија е повикана и да обезбеди мерки што ќе спречат вакви случаи во иднина. Тоа вклучува и преиспитување на домашните судски практики во вакви постапки.

Случајот има поширок контекст, бидејќи подносителот тврди дека во Бугарија постои континуирано одбивање за регистрација на организации поврзани со македонскиот идентитет. Комитетот потенцира дека здруженија кои мирно промовираат толеранција и човекови права мора да бидат заштитени, без оглед на нивните ставови.

Со оваа одлука, прашањето повторно се отвора на меѓународна сцена, а следниот потег е на бугарските институции, кои треба да покажат како ќе одговорат на препораките во дадениот рок.