Ново жариште избувна денеска во близина на спортскиот аеродром Стенковец, од каде се издига густ црн чад кој ветерот го носи во правец на Скопје.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека најверојатно гори ѓубриште, што би можело да биде причина за густиот црн чад.
„Ветрот го носи во насока на Скопје и најверојатно тоа е дополнителна причина за загаденоста на воздухот во делови од градот. Пожарникарите работат на гаснење, но ќе биде тешко да се совлада пожарот, поради што претпоставувам дека чадот ќе се чувствува и во наредниот период“, изјави Ангелов.
Тој посочи дека противпожарните сили се распоредени на повеќе локации, а постои сомнение дека дел од пожарите се подметнати.
Во меѓувреме, активен останува и пожарот кај Рамно, чиј чад веќе неколку дена се чувствува во Скопје.
Според информациите на ДЗС, сериозен пожар има и кај Милетино во Општина Брвеница, кој претставува опасност за селото.










