Во Кавадарци е уреден нов јавен зелен простор на улицата „Слога“, каде локалната самоуправа во соработка со приватен партнер реализираше проект за хортикултурно уредување и разубавување на градската средина.

Проектот е реализиран во соработка меѓу Општина Кавадарци и компанијата Македонија АД Виена Иншуренс Груп, која донираше урбана опрема и придонесе за целосно уредување на просторот.
Во рамки на донацијата се поставени две шах-гарнитури, една маса, пет клупи и пет жардинерии, со што паркот доби функционален и модерен изглед кој овозможува простор за одмор, дружење и рекреација на жителите.

Дополнително, зеленилото и цвеќињата беа обезбедени од ЈП Комуналец Кавадарци, кое се погрижи за расчистување и озеленување на просторот, додека поплочувањето и техничката изведба на паркот ги реализираше градежната фирма АС Машини.
Во активностите за уредување се вклучија и советници од Советот на Општина Кавадарци, што дополнително ја нагласува локалната поддршка за ваквите иницијативи.
Со овој проект, просторот на улица „Слога“ добива нова функција и изглед, а целта е да се создаде поуредена, позелена и попријатна урбана средина за граѓаните, со фокус на заедничко унапредување на квалитетот на живот во градот.








