Започна нова фаза од системот за сообраќајна контрола „Безбеден град“ во туристичките центри Охрид и Струга, каде се поставуваат 40 нови камери кои треба целосно да бидат активни пред почетокот на летната сезона.
Овој систем е замислен како значително засилување на сообраќајната безбедност, особено во периодите кога овие градови се преплавени од туристи, возила и зголемен метеж. Надлежните очекуваат дека со ова ќе се воведе поголем ред, но и ќе се намали бројот на сообраќајни прекршоци.
Граѓаните се поделени во ставовите, но дел од нив веќе го поздравуваат проектот, наведувајќи дека постојат возачи кои се однесуваат неодговорно и дека ваков систем може да донесе повеќе дисциплина и контрола на улиците.
Системот се споредува со практики во европските земји, каде сообраќајните прекршоци се автоматски документираат преку видео надзор, а казните пристигнуваат директно на адреса на прекршителите, што според експертите влијае на подобро почитување на правилата.
Во Охрид, камерите ќе бидат поставени во централното градско подрачје, на двата влеза во градот, долж булеварот „Туристичка“, во реонот на Рача, како и на патот кон Свети Наум и околните плажи.
Во Струга, видео надзор ќе биде поставен во центарот, на патиштата кон Дебар, кон граничниот премин Ќафасан, како и во населеното место Калишта.
Дополнително, системот ќе го покрива и аеродромот, а веќе се инсталирани и четири камери на делницата Кичево-Охрид, што укажува дека проектот се шири и надвор од самите туристички центри.
Со ова, властите најавуваат нова фаза на дигитален надзор во сообраќајот, која ќе ја засили контролата, но истовремено отвора и дебата за тоа колку ваквиот систем ќе влијае врз секојдневното движење на граѓаните и туристите.








