Работниците во Македонија кои примаат минимална плата ќе мора да почекаат до март 2027 година за следното редовно законско зголемување на нивните примања. Тогаш треба да се изврши новото годишно усогласување, согласно механизмот утврден со закон, а повисокиот износ се очекува да биде исплатен во април, заедно со платата за март.
Во моментов минималната нето-плата во земјава изнесува 26.046 денари, додека минималната бруто-плата достигнува 38.507 денари.
Последната промена беше направена во март 2026 година, кога минималната плата беше зголемена за 1.667 денари во нето-износ. Колкаво ќе биде следното покачување во 2027 година засега не може со сигурност да се утврди, бидејќи конечната сума ќе зависи од економските показатели врз основа на кои се врши законската пресметка.
КАКО ЌЕ СЕ ПРЕСМЕТУВА НОВИОТ ИЗНОС НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА?
Механизмот за утврдување на минималната плата предвидува годишно усогласување според два клучни економски показатели – растот на просечната нето-плата и растот на трошоците за живот.
Двата показатели имаат еднакво учество во пресметката, односно секој придонесува со 50 проценти во утврдувањето на новиот износ. Дополнително, законот предвидува минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната нето-плата исплатена во претходната година.
Тоа значи дека висината на минималната плата за март 2027 година ќе зависи од движењето на платите и животните трошоци во текот на 2026 година.
Поради тоа, во овој момент сè уште нема конечна сума за тоа колку точно ќе изнесува новата минимална плата. За да се утврди зголемувањето, најпрво треба да бидат достапни потребните годишни статистички податоци, по што ќе следува официјалното објавување на усогласениот износ.






