Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека денеска се исплатени над 280 милиони денари на повеќе од 4.700 корисници на субвенции, како дел од програмите за финансиска поддршка на земјоделството.
Од вкупниот износ, 269.947.935 денари се префрлени на 4.545 корисници до крајот на јуни. Овие средства се наменети за Мерката 2.3 – директни плаќања за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко, согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2025 година.

Дополнително, за Мерката 2.6 – дополнителни директни плаќања од подмерка 2.5 за одгледани или заклани грла говеда во регистрирани кланични капацитети, се исплатени 3.746.560 денари на 167 корисници, според Програмата за 2024 година.
Во рамки на Мерката 2.16, исто така од Програмата за 2024 година, се префрлени 7.968.320 денари за произведени или продадени еднодневни бројлерски пилиња и еднодневни женски пилиња од јајценосни хибриди.
Министерството нагласува дека поддршката за земјоделците продолжува и дека сите заедно работат на стабилен развој на македонското земјоделство.


















