Новиот бран поскапувања на банкарските услуги што ќе стапи во сила од август ќе донесе дополнителни трошоци за граѓаните и ќе изврши нов притисок врз семејните буџети. Иако дел од зголемувањата на провизиите на прв поглед изгледаат мали, кога ќе се пресметаат на месечно и годишно ниво, сумите што ќе треба да се издвојуваат стануваат значително повисоки.
Според пресметките, еден пензионер кој редовно ги плаќа сметките на шалтер може годишно да им плати на банките и до 100 евра само за провизии. Во меѓувреме, четиричлено семејство во кое сите членови се полнолетни, само за одржување трансакциски сметки и користење електронско банкарство би можело да издвојува меѓу 200 и 250 евра годишно.
Особено погодени ќе бидат и граѓаните кои планираат да земат станбен кредит по август. За нив дополнителните банкарски трошоци можат да достигнат повеќе од 90.000 денари уште пред да се вселат во новиот дом и да ги добијат клучевите од станот.
Зголемување на провизиите веќе најавија две од најголемите банки во државата, а најголем дел од корекциите се однесуваат токму на услугите што граѓаните секојдневно ги користат. Меѓу нив се плаќањето сметки, одржувањето трансакциски и девизни сметки, користењето дигитално банкарство, меѓународните трансфери, како и услугите поврзани со кредитите.
Најголемото процентуално поскапување е забележано кај плаќањето режиски сметки во готово на банкарски шалтер. Провизијата за една трансакција се зголемува од 90 на 120 денари, што претставува раст од повеќе од 33 проценти. Ова најдиректно ги погодува пензионерите и повозрасните граѓани кои и понатаму најчесто ги подмируваат сметките на традиционален начин.
Доколку еден пензионер секој месец плаќа четири режиски сметки на шалтер, како што се сметките за струја, вода, телефон и интернет со телевизија, само за овие трансакции ќе треба да издвојува околу 480 денари месечно. На годишно ниво тоа претставува значителен дополнителен трошок, кој за многумина ќе биде уште еден удар врз домашниот буџет во услови на веќе зголемени животни трошоци.









