По речиси една година од почетокот на судскиот процес за кочанската трагедија, предметот влегува во нова фаза. Обвинетите ќе започнат со изведување на доказите на одбраната, при што покрај материјални докази, најавено е и сослушување на голем број сведоци.
Претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, на денешниот брифинг со новинарите ја презентираше досегашната динамика на процесот, кој е еден од најобемните судски предмети во земјава, со повеќе од 30 обвинети.
На 14 септември завршило изведувањето на доказите предложени од Јавното обвинителство. Во таа фаза биле изведени вкупно 1.309 докази, а биле сослушани 45 сведоци и пет вештаци.
По речиси една година во која Обвинителството ја презентираше својата доказна теза, од утре започнува фазата во која своите докази ќе ги изведува одбраната. На почетокот ќе бидат презентирани материјалните докази, а потоа ќе следуваат и вербалните докази.
Одбраната, според информациите презентирани на брифингот, подготвила листа од вкупно 244 сведоци.
Од почетокот на судењето досега биле одржани 49 рочишта, а ниту едно од нив не било одложено.
Во наредните денови се очекува и разврска околу притворот на првообвинетиот во предметот, Дејан Јованов, сопственик на објектот „Пулс“. Бидејќи на 3 октомври истекува една година од поднесувањето на обвинението, според законските рокови тој треба да излезе од притвор.
Одбраната на Јованов во меѓувреме доставила гаранција во вредност од 200.000 евра. За тоа дали гаранцијата ќе биде прифатена, сè уште се чека мислење од Јавното обвинителство, кое досега не го доставило својот став.
Како што беше појаснето, гаранцијата не ја менува судската одлука за притворот, туку била понудена како дополнителна мерка со која одбраната сака да покаже дека Јованов нема намера да бега.
На првиот брифинг на Димовска со новинарите се разговарало и за случајот со нејзиниот брат, Драган Паунов, кој е вработен во Управата за јавни приходи и е меѓу осомничените во предмет поврзан со кочанската трагедија.
Димовска посочила дека брифингот е наменет за работата на Основниот кривичен суд Скопје и дека поради тоа не може да изнесува информации за постапките што се водат пред судот или обвинителството во Кочани. Таа навела дека постои перцепција оти нејзината функција би можела позитивно да влијае врз состојбата на нејзиниот брат, но додала дека функцијата на судија носи и пријатели и непријатели, поради што не би знаела во каква положба се наоѓа тој.
На брифингот биле презентирани и податоци за работата на Основниот кривичен суд Скопје и намалувањето на бројот на старите предмети.
Според статистиката, во август 2025 година имало 896 стари предмети, додека во август 2026 година нивниот број бил намален на 368. Тоа претставува намалување за 528 предмети во однос на истиот период претходната година.
Од 368 стари предмети евидентирани во август 2026 година, 227 биле кривични, 23 биле поврзани со организиран криминал, 113 биле прекршочни, а пет се однесувале на санкции.
За споредба, во август 2025 година имало 232 стари кривични предмети, 28 предмети од областа на организираниот криминал, 592 прекршочни предмети и 42 предмети поврзани со санкции.
И покрај намалувањето на бројот на старите предмети, статистиката покажува дека и понатаму има случаи во кои настапува застареност. Во 2022 година застареле 16 кривични предмети, во 2023 година 18, во 2024 година 26, а во 2025 година 20. До 2026 година, бројот на застарени предмети изнесува шест.
Судот се соочува и со недостиг на кадар. Според систематизацијата, предвидени се 628 работни места, но во моментот се вработени 208 лица. Од нив, 18 се судски полицајци, две лица се технички кадар, а седум се хигиеничарки.
Ограничен е и бројот на судии. Во Основниот кривичен суд Скопје се избрани 59 судии. Од нив, една е претседателка, четворица се делегирани во други судови, една судијка е на породилно отсуство, додека 53 судии моментално постапуваат по предмети.
Од судиите кои постапуваат по предмети, 41 се жени, а 14 се мажи.
Како дополнителен предизвик е посочено и стареењето на судискиот кадар. Осум судии се постари од 59 години, од кои пет имаат над 64 години.
Во останатиот судски кадар бројот на вработени исто така континуирано се намалува. Во периодот од 2020 до 2025 година, судот останал без вкупно 131 службеник. Во 2026 година, до одржувањето на брифингот, во пензија заминале уште 13 вработени, а до крајот на годината уште осум лица ќе ги исполнат условите за пензионирање.
Во меѓувреме, во Основниот кривичен суд Скопје продолжуваат и други предмети кои го привлекуваат вниманието на јавноста.
Предметот „Крмзов“ моментално е во фаза на изведување економско и графолошко вештачење, односно се сослушуваат вештите лица предложени од Обвинителството.
Во предметот „Титаник“ се изведуваат доказите на одбраната и се сослушуваат сведоците предложени од одбраната. За овој предмет се закажани уште шест рочишта.
Предметот „Беланоца“ продолжува со изведување на доказите на Обвинителството, по што постапката треба да продолжи со доказите на одбраната. Во оваа фаза остануваат уште двајца сведоци на Обвинителството.
Предметот „Талир 1“, пак, повторно ќе треба да започне од почеток.




