Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четворица малолетници во врска со случајот на меѓуврсничко насилство врз 12-годишно девојче во скопската населба Аеродром, кој предизвика силни реакции во јавноста по објавувањето на видеоснимка на социјалните мрежи.
Според информациите од Обвинителството, јавен обвинител од Одделението за малолетници до надлежен судија за деца доставил барање за поведување подготвителна постапка, што согласно Законот за правда на децата претставува еквивалент на наредба за истрага.
Во постапката се опфатени две 14-годишни девојчиња за кои постои основано сомнение дека сториле дејствие кое според Кривичниот законик е квалификувано како кривично дело насилство. Покрај нив, постапка се бара и против 15-годишно момче, кое се сомничи дека помагало при извршувањето на насилството и сторило кривично дело неовластено снимање. За истото кривично дело – неовластено снимање – постапка се бара и против уште еден 14-годишен малолетник.
Покрај барањето за поведување на постапката, надлежниот јавен обвинител побарал Судот да им изрече мерки за претпазливост на осомничените. Со тие мерки би им било забрането меѓусебно да се приближуваат и да воспоставуваат контакт, како и да контактираат со оштетеното девојче, со цел да се спречи евентуално влијание врз постапката и да се заштити жртвата.
Според описот на настанот, случајот се случил на 30 јуни на игралиште зад трговскиот центар „Бисер“ во скопската населба Аеродром. Двете девојчиња, според сомневањата, ја принудувале 12-годишната малолетничка да клекне и да им се извини, по што физички ја нападнале, удирајќи ја со шлаканици и влечејќи ја за коса.
Како последица на нападот, девојчето се здобило со телесни повреди, а сведокот на настанот – нејзина другарка – како и пошироката јавност, биле изложени на чувство на страв, несигурност и вознемиреност.
Обвинителството наведува дека едно од момчињата активно помагало во извршувањето на насилството, давајќи совети, насоки и охрабрување на девојчињата за време на нападот. Воедно, двете момчиња без согласност на оштетената направиле видеоснимка од инцидентот, со што, според сомневањата, ја нарушиле нејзината приватност. Снимката потоа им била испратена на девојчињата кои учествувале во нападот.
Од Обвинителството додаваат дека во инцидентот било инволвирано и уште едно дете на возраст од 13 години. Бидејќи не ја достигнало законската возраст за кривична одговорност, согласно важечките прописи против него не може да се води кривична постапка.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи соопшти дека во врска со истиот случај се поднесени кривични пријави против четири деца, како и против петмина родители, кои се товарат за кривичното дело запуштање и малтретирање дете.
Од МВР претходно информираа дека биле извршени разговори со жртвата, нејзиниот родител, осомничените малолетници, сведоците и лицата кои го снимале инцидентот, а биле спроведени и медицински прегледи за утврдување на повредите. Случајот продолжува да се води во согласност со законските процедури за постапување со малолетници, додека надлежните институции ги преземаат сите неопходни мерки за целосно расчистување на настанот.






