Зголемениот сообраќај на автопатите во Македонија по завршувањето на летните одмори и почетокот на учебната година повторно ги стави во фокус наплатните станици и начинот на плаќање на патарините.
Воведувањето на електронската наплата преку М-ТАГ и М-Кард требаше да овозможи побрзо минување и да го намали задржувањето на возилата пред наплатните рампи. Сепак, со зголемувањето на фреквенцијата на патиштата, дел од возачите повторно се соочуваат со проблеми при минувањето.
Граѓани се пожалиле дека и покрај тоа што поседуваат М-ТАГ уред, понекогаш мораат да застанат или да чекаат во лентата, наместо да поминат без запирање. Дополнително, има реакции и од возачи кои тврдат дека нивниот уред не бил прочитан на наплатната станица, поради што морале да се вратат и да ја сменат лентата за плаќање.
Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) велат дека самиот систем на М-ТАГ функционира, но проблемите во голем дел се поврзани со начинот на кој корисниците го поставуваат и користат уредот.
Од претпријатието објаснуваат дека во моментов се одвива модернизацијата на наплатната станица Миладиновци, при што работите се изведуваат согласно договорените услови.
Во однос на М-ТАГ уредите, од ЈПДП посочуваат дека генерално функционираат правилно, но дека тешкотиите најчесто се појавуваат кога возачите го држат уредот во рака наместо да го постават на предвиденото место во возилото.
Според нивното објаснување, М-ТАГ најдобро функционира кога е залепен на соодветното место и поставен на оригиналниот држач, од каде што може правилно да го испрати сигналот до уредот на наплатната рампа.
Кога возачот го држи М-ТАГ во рака, постои поголема можност сигналот да не биде прочитан. Тоа може да создаде дополнителен проблем бидејќи возилото во тој момент веќе е регистрирано на лентата, па возачот мора да преземе дополнителни чекори за да ја заврши наплатата.
Од ЈПДП затоа упатуваат апел до сите возачи кои користат М-ТАГ да не го држат уредот во рака, туку да го постават на оригиналниот држач во возилото за да се овозможи правилно и навремено негово исчитување.
Во меѓувреме, наплатните станици во Тетово и Гостивар сè уште немаат електронска наплата, но од ЈПДП најавуваат дека и тие ќе бидат модернизирани.
Целосната модернизација на наплатните станици со системите М-ТАГ и М-Кард треба да заврши со изградбата на Коридорот 8, додека претходно треба да биде завршена модернизацијата на наплатната станица Миладиновци.







