Полицијата синоќа и во текот на ноќта спровела две одделни акции во село Брњарци, скопско, при што биле лишени од слобода двајца мажи. При претресите во нивните домови биле пронајдени марихуана, оружје, муниција и опрема за подготовка на ловечки патрони.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, ноќеска во 00:20 часот, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода 34-годишниот Д.Ц. од Брњарци.
При претресот во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Скопје, полицајците пронашле и одзеле марихуана, семки од растението канабис, како и дигитална вага со остатоци од марихуана.
Претходно, вчера во 23:45 часот, исто така во Брњарци, бил лишен од слобода и 38-годишниот И.Б. од Скопје. И во овој случај полициската акција била спроведена од припадници на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје.
При претресот во неговиот дом, извршен со наредба од Основен кривичен суд Скопје, бил пронајден значителен број предмети поврзани со оружје и изработка на муниција.
Полицијата одзела пиштол, 23 куршуми и 20 ловечки патрони, како и една ќеса со барут, три конзерви со сачми и три конзерви со материјал за полнење на ловечки патрони.
Во домот биле пронајдени и една кутија со каписли, како и алатки наменети за изработка и полнење на патрони.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на двата случаи, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.







