Министерството за внатрешни работи соопшти дека утре на полигонот „Криволак“ ќе се уништи голема количина минско-експлозивни средства кои беа запленети пред 15 години.
Денеска, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Единица за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал, во координација со Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, преземаат подготвителни мерки за безбедно ништење на овие средства.
Минско-експлозивните средства ќе бидат транспортирани од касарната „Ѓорче Петров“ до армискиот полигон „Криволак“ со товарни возила-камиони на АРМ. Во присуство на Комисијата за уништување на оружје, делови и компоненти на оружје, муниција и експлозивен материјал, полициски службеници, стручни лица од АРМ и пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување ќе ги уништат средствата со контролирана детонација.
Од Министерството истакнуваат дека фактот што ова е прв ваков случај на уништување минско-експлозивни средства по 15 години, покажува дека претходно безбедноста на граѓаните не била третирана со должната сериозност.
МВР нагласува дека денешните активности покажуваат дека со одговорен и професионален пристап, сегментот за безбедност поврзан со уништување на опасни експлозивни материјали конечно е поставен на ниво какво што одамна требало да биде.
















