ПРВ.мк
Македонија

МВР ГИ ОТФРЛА НАВОДИТЕ ЗА ТЕПАЊЕ ВО ОХРИД: Нема пријава за физички напад!

МВР ГИ ОТФРЛА НАВОДИТЕ ЗА ТЕПАЊЕ ВО ОХРИД: Нема пријава за физички напад!

По обвинувањата на Горан Николоски, изнесени во емисијата „Претрес со Ландов“, дека неговиот 19-годишен брат Дарко бил физички нападнат од полициски службеници во Охрид, Министерството за внатрешни работи информира дека се преземаат мерки за проверка и утврдување на сите околности.

Од МВР посочуваат дека во СВР Охрид досега не била поднесена пријава за физички напад во врска со ваков настан, а според нивните информации, ниту во болница било евидентирано лице примено со повреди кои би биле поврзани со наводниот напад.

Од Министерството потврдуваат дека на 1 ноември 2026 година полициски службеници од СВР Охрид спровеле акциска контрола во угостителски објекти во централното градско подрачје, согласно претходно изготвен план. Во рамките на контролата биле проверени повеќе лица, меѓу кои и 19-годишниот Д.Н. Според МВР, при акцијата биле затекнати малолетници кои консумирале алкохол, како и лице кај кое била пронајдена дрога.

Од МВР додаваат дека истиот ден, во 03:08 часот, на паркинг во Охрид бил приведен и 28-годишниот брат на Д.Н., Г.Н., поради нарушување на јавниот ред и мир со викање, а потоа и агресивно однесување кон полициските службеници кои извршувале службени задачи.

Според полициското соопштение, тој наводно оштетил и инвентар во полициската станица. По документирањето на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

МВР се осврнува и на претходни пријави поврзани со 19-годишниот Д.Н. На 5 октомври 2026 година, во СВР Охрид, 22-годишниот Б.Д. од охридско село пријавил дека на својот приватен профил на Инстаграм добил пораки со навредлива и заканувачка содржина, а неговото возило „Шкода Октавија“ било оштетено со црна течност.

Во врска со овие случаи, на 6 октомври против Д.Н. била поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Охрид за две кривични дела – „Загрозување на сигурноста“ и „Оштетување туѓи предмети“.

Дополнително, на 31 октомври во СВР Охрид било пријавено ново оштетување на истото возило. Овојпат, со тврд предмет биле направени длабоки линии по каросеријата. Од МВР велат дека се преземаат мерки за утврдување на околностите и откривање на сторителот, додавајќи дека за наведените настани јавноста била информирана преку официјалните канали на Министерството.

Од друга страна, Горан Николоски во емисијата „Претрес со Ландов“ изнесе тврдења дека неговиот 19-годишен брат Дарко бил нападнат од полицајци на паркинг во центарот на Охрид, во раните утрински часови на 1 ноември, откако бил изведен од ноќен клуб.

Според неговото сведочење, на местото биле присутни пет полициски службеници, од кои тројца наводно го нападнале неговиот брат, додека другите двајца го обезбедувале просторот за случајните минувачи да не можат да видат што се случува.

Во емисијата била прикажана и снимка од надзорна камера, на која се забележува движење на повеќе лица и полициски службеници во близина на паркингот. Николоски тврди дека неговиот брат бил одведен кон дел од паркингот каде што, според него, полицајците сметале дека нема видеонадзор.

„Среќа наша во несреќа што имаше камери и што ги имаме камерите“, изјави Николоски.

По изнесените обвинувања, на Фејсбук се огласи и полицискиот службеник од СВР Охрид, Божидар Димитриевиќ, кој ги отфрли тврдењата за тепање и малтретирање. Тој наведува дека Дарко се обидел да ја избегне полициската контрола, додека неговиот брат Горан го нарушил јавниот ред и мир, по што бил приведен од полициските службеници.

Најнови вести