72-годишен жител на Гостивар се нашол во сериозна и вознемирувачка ситуација откако открил дека неговите лични податоци биле злоупотребени за евидентирање лажни добивки од игри на среќа, што директно му предизвикало финансиски последици и врз пензијата што ја прима од Италија.
Проблемот излегол на виделина во моментот кога гостиварецот побарал уверение за остварен доход од Управата за јавни приходи. Наместо очекуваните податоци, во неговото досие биле заведени добивки од игри на среќа во вкупен износ од 74.294 денари за 2024 година – сума за која тврди дека никогаш не му била исплатена и дека не добил ниту денар.
Според неговата пријава до полицијата, постои сомнение дека вработени во спортска обложувалница ги злоупотребиле податоците од неговата лична карта, при што преку негово име биле прикажувани добивки кои реално им биле исплатувани на трети лица. Овие фиктивни приходи, иако само „на хартија“, имале реални последици – италијанските институции ги земале предвид како дополнителен приход, поради што пензијата што ја прима од Италија му била финансиски намалена.
Случајот е официјално пријавен во ОВР Гостивар, од каде што информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот, како и за утврдување на одговорноста за евентуалната злоупотреба на лични податоци.
Надлежните институции треба да утврдат како и од кого биле внесени лажните податоци, како и на кој начин ќе му биде надоместена штетата на оштетениот граѓанин.

















