Неколку канцеларии на горниот кат од зградата на Специјалниот суд на улицата Устаничка во Белград, кои ги користи Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈТОК), биле зафатени од пожар, при што е причинета значителна материјална штета. Меѓу просториите што биле оштетени е и канцеларија на обвинител вклучен во финансиската истрага поврзана со случајот „Настрешница“, објави порталот Nova.rs, кој сподели и фотографии од последиците од пожарот.
Иако пламенот зафатил дел од просториите, вработените реагирале навреме и успеале да ги изнесат најважните предмети и документација, меѓу кои и предметот „Настрешница“, како и други чувствителни случаи. Благодарение на брзата и организирана интервенција на обвинителите, административниот персонал и судските чувари, ниту еден клучен доказ не бил уништен.
Засега не е утврдено како точно избувнал пожарот. Според информациите од српските медиуми, истрагата за причините е преземена од Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ќе ги утврдува сите околности под кои дошло до инцидентот.
Очевидци наведуваат дека пламенот и густ чад најпрво се појавиле на таванот од една од канцелариите на горниот кат. Опасноста од ширење на пожарот била реална, но со брза реакција, предметите од загрозените простории биле навреме отстранети и пренесени на безбедно место.
Белградските медиуми информираат дека, покрај случајот „Настрешница“, меѓу спасената документација се наоѓа и предметот поврзан со истрагата против Милорад Грчиќ, поранешен вршител на должност директор на ЕПС, што дополнително ја зголемува тежината и чувствителноста на овој инцидент.
Во јавноста накратко се појавија шпекулации дека во пожарот можеби бил зафатен и предметот „Генералштаб“, но според сознанијата на Nova.rs, обвинителот задолжен за тој случај нема канцеларија на катот каде што избувнал пожарот, па оваа информација била демантирана.
Истрагата продолжува, а надлежните институции најавуваат дека јавноста ќе биде дополнително информирана штом се утврдат причините за пожарот и целосниот обем на штетата.

















