Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека секоја личност што има поврзаност со случајот во Кочани – без разлика на функцијата – треба да биде изведена пред лицето на правдата.
Изјавата доаѓа по објавата на нова сторија од ИРЛ, каде што се тврди дека даночни инспектори биле вмешани во случајот, но не биле опфатени со обвинението.
„Случајот го води обвинителството, односно државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Ако прашувате дали сум задоволен од Обвинителството – не сум. Затоа ја поддржавме смената на Коцевски во парламентот“, рече Мицкоски, кој денеска изврши увид во градежните активности на улицата „8 Септември“ во Градско.
Тој потсети дека десетина обвинители работеле на предметот, но истакна дека конечната одговорност е кај Јавното обвинителство.
„Зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски е прашање за нив“, додаде премиерот.