ПРВ.мк
Македонија

Митко Јанчев: Поддршката за семејствата и децата останува приоритет, Кавадарци доби ново советувалиште

Митко Јанчев: Поддршката за семејствата и децата останува приоритет, Кавадарци доби ново советувалиште

Во Кавадарци денеска официјално беше отворена канцеларија за поддршка и советување на родители и деца, проект реализиран во соработка помеѓу СОС Детско село и Општина Кавадарци, со цел обезбедување полесен пристап до стручна помош, советување и поддршка за семејствата од целиот Вардарски регион.

На свеченото отворање присуствуваше градоначалникот Митко Јанчев, кој ја истакна важноста од создавање системска поддршка за семејствата и развој на услуги кои директно придонесуваат за подобра благосостојба на децата и родителите.

„Исклучително е важно да постојат места каде што родителите и децата ќе можат да добијат стручна поддршка, совет и разбирање. Ова советувалиште претставува значајна придобивка не само за Кавадарци, туку и за целиот Вардарски регион“, истакна Јанчев.

Новите простории се наоѓаат во Домот на културата во Кавадарци и ќе функционираат како место каде граѓаните бесплатно ќе можат да добијат психолошка, советодавна и социјална поддршка. Проектот има за цел подобрување на достапноста и квалитетот на услугите за децата и семејствата, но и јакнење на поддршката во локалната заедница.

На настанот присуствуваа претставници од институции, училишта, центри за социјална работа, општини од регионот и претставници од СОС Детско село, при што беше нагласено дека ваквите партнерства меѓу локалната самоуправа и организациите се клучни за создавање функционални и здрави заедници.

Дополнителна вредност на настанот дадоа и учениците од Кавадарци, кои преку рецитали и уметнички настапи испратија пораки за љубовта, сигурноста и важноста на поддршката во растењето на секое дете.

Канцеларијата ќе биде отворена секој работен ден и ќе претставува нова можност за семејствата навремено да добијат помош, насока и поддршка кога им е најпотребна.