ПРВ.мк
Македонија

МИЛОНСКА ИЗМАМА ВО МАКЕДОНИЈА: Пет лица и две фирми пријавени за перење пари и даночно затајување!

МИЛОНСКА ИЗМАМА ВО МАКЕДОНИЈА: Пет лица и две фирми пријавени за перење пари и даночно затајување!

Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против пет физички лица и две правни лица до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради сомневања за повеќе кривични дела.

Пријавените се сомничат за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, „Измама“, „Фалсификување или уништување деловни книги“ и „Даночно затајување“, согласно Кривичниот законик.

Според наводите на Финансиската полиција, првопријавениот Д.К., во својство на сопственик на правно лице од Скопје, во текот на 2022 година склучил договор со фирма од Словенија за купопродажба на железнички пруги, чија вредност била утврдена на 21.667.680 денари.

На словенечката компанија, според пријавата, ѝ бил исплатен аванс од 283.310 евра, односно 17.423.564 денари. Сепак, договорената стока не била испорачана, а парите не биле вратени.

Финансиската полиција се сомнева дека на овој начин била предизвикана материјална штета во износ од 17.423.564 денари.

Потоа, како што се наведува во пријавата, со цел да се прикријат потеклото и локацијата на средствата, Д.К., заедно со Ф.Н., кој бил управител и овластен потписник на сметката на пријавеното скопско правно лице, потпишале налог за трансфер на 16.762.410 денари кон правно лице од Штип.

Парите биле префрлени врз основа на фиктивна фактура за наводна набавка на пилешки нозе, тврди Финансиската полиција.

Потоа, преку друг договор за кој постои сомнение дека бил фиктивен, односно договор за цесија, средствата биле префрлени на сметката на Х.Р.

Во случајот, според сомневањата, била вклучена и Ф.М., која како овластен сметководител не ја евидентирала Х.Р. како нов доверител. Дополнително, трансакциите биле прикривани преку сметководствените евиденции.

Средствата биле заведени како негативни книжења на картичката на купувачот, а трансакциите не биле прикажани ниту во Даночниот биланс за 2022 година.

Како дел од сомнителните трансакции, Финансиската полиција ја посочува и Д.М., која била овластен потписник на сметката на правното лице од Штип.

Според пријавата, непосредно по уплатата по фиктивната фактура, Д.М. реализирала електронски налог, со кој средствата биле префрлени на сметката на Х.Р.

Оттаму, како што се наведува во пријавата, Д.К., во својство на овластено лице, дел од средствата ги конвертирал во странска валута. Потоа, дел од парите биле подигнати во готовина, додека друг дел бил искористен за купување возило.

Финансиската полиција дополнително се сомнева дека Ф.Н., како управител на скопското правно лице, во текот на 2022 година не го уплатил персоналниот данок на доход во износ од 1.885.370 денари, кој се однесувал на исплатените средства кон Х.Р.

Воедно, според пријавата, Х.Р. не го пријавила остварениот приход во Годишната даночна пријава за персонален данок на доход за 2022 година.

Од Управата за финансиска полиција посочуваат дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела.

Наводите во кривичната пријава треба да бидат предмет на понатамошна постапка, во која надлежните институции треба да ги утврдат сите факти и околности во врска со случајот.