Денес се одбележува Меѓународниот ден на еднакви плати, потсетувајќи на потребата од фер можности на работното место. Алијансата за родова еднаквост (GEA) предупредува дека родовиот јаз во платите останува сериозен проблем.
Во Македонија, во 2022 година, жените заработувале во просек 13,5% помалку од мажите – 532.625 денари кај жените наспроти 615.725 денари кај мажите. Најголеми разлики се забележуваат кај возраст 45-49 години и високообразованите.
GEA посочува дека причините се дискриминација на пазарот на труд, помала застапеност на жените на раководни позиции и концентрација во пониско вреднувани сектори. Дополнително, поголемиот дел од примателите на минимална плата се жени.
„Овие разлики не се само прашање на правичност, туку и економска рационалност. Жените се неискористен потенцијал за економски раст,“ нагласуваат од Алијансата, апелирајќи за фер третман и еднакви можности за напредок.