Скопје, 09 мај 2025 Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, се приклучи на националната акција за чистење „Генералка викенд“, која оваа година започна со чистење на скопскиот Аквадукт – културно-историски споменик од особено значење за градот Скопје.

Акцијата, организирана од Men & Mountain, со поддршка на Министерството за животна средина и бројни институции, ангажира над 200 волонтери, а ќе опфати над 500 локации низ државата со учество на над 20.000 граѓани.
„На патот кон Европа, мора да се однесуваме европски. Животната средина и културното наследство бараат почит, грижа и континуирана заедничка акција. Ваквите иницијативи ја покажуваат силата на граѓанската одговорност и добрата соработка. Нашата поддршка како Министерство и Влада е безрезервна“, изјави Меџити.

На настанот присуствуваа и Претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, министерката за образование Весна Јаневска, претставници на ЗЕЛС, општините Кисела Вода и Чаир, Пивара Скопје, Црвениот Крст, амбасадори, јавни личности и многу волонтери.
Акцијата продолжува на 10 и 11 мај со масовно учество на институции, училишта, здруженија и поединци од целата држава, со цел подигање на јавната свест и создавање почиста, поздрава и поодржлива средина за сите.