Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и магистер по економски науки, Тони Јаревски, предизвика реакции со своите ставови изнесени во вечерашното издание на емисијата „Директно“, каде зборуваше за платите, законите и економските приоритети во државата.
Јаревски потенцираше дека клучно е строго почитување на законите и колективните договори, нагласувајќи дека економските одлуки не смеат да се носат еднострано. Според него, постојната законска рамка е создадена за да обезбеди рамнотежа меѓу правата на работниците и економскиот развој на државата.
„Ова не е изолиран процес. Потребно е сите засегнати страни да седнат на маса и да дојдат до решение со кое сите ќе бидат задоволни. Законите постојат за да се почитуваат“, изјави тој, потсетувајќи и на периодот кога била воведена формулата за пресметка на платите.
Сепак, најмногу внимание привлече неговиот став околу минималната плата. Јаревски отворено порача дека не смета оти фокусот треба да биде насочен кон нејзино зголемување. Наместо тоа, тој се залага за раст на просечната и максималната плата, како, според него, поздрав пристап за економијата.
Тој потсети дека веќе е планиран раст од 7 проценти на платите и 10 проценти на пензиите, што, според него, е доволна основа за стабилност. Овие изјави отворија дилема во јавноста – дали економскиот раст треба да почне од врвот или од дното на платната скала.

















