Трагичната ноќ низ призмата на Јован Костадинов, херојот кој спаси повеќе од 20 луѓе. Јован е 19 годишен средношколец од Виница кој иако се наоѓал надвор кога започнал пожарот, на неколку начини помагал на повредените. Најпрво Јован влегол во дискотеката се со цел да помогне на што е можно повеќе луѓе, а подоцна давал и помош на повредените.
Јован во интервју за supportkocani.com сведочеше за страшните глетки, девојката која си го голтнала јазикот, викотниците и пискотниците на кои никој не сака да се потсетува.
– Од внатре се слушаа само пискотници од девојки. Јас зедов една маса, го скршив прозорот и со цревото прскавме вода внатре, тие пискаа. Ги прскав со вода едно две-три минути. После јас го зедов цревото, се измокрив, а тие останаа уште да ги прскаат. Јас отидов на главниот влез, ама таму беа многу заглавени и немаше можност да влезеш, го започнува Јован своето траорно сведоштво.
Јован влегол преку прозорот што бил кај билетарата.
– Влегов во таа соба, таму имаше четири или пет луѓе, вратата беше заглавена од луѓето што беа натрупани, ја скршивме вратата и почнавме да ги вадиме ден по еден, тие што беа најгоре сите врескаа, беа изгорени, имаше и онесвестени. Уште тогаш на почетокот и додека имаше свесни луѓе и додека беа сите идеше побрзо, тие што ги вадиш сами излегуваа надвор пред диското, ама потоа почнаа да се извлекуваат само онесвестени, почнаа само изгорени целите и едноставно ти мора да го изнесеш до пред надвор до пред диското на безбедно, вели Јован.
– Изнесуваш некој до пред вратата, од таму друг го зема, и така после тоа почна да ми се врти и почна да ми се повраќа од тоа се што ги видов, од тоа што плачеа , што пискаа и беа целите изгорени и после тоа почна да ми се врти, дами се повраќа и јас излегов надвор и кога излегов надвор тогаш земав воздух, ми олесна и тогаш паднав на колена и многу ми се слоши кога за среќа имаше некој до мене, ме измија со вода, вели Јован.
– Јас после тоа се освежив малку таму, имаше многу девојчиња што лежеа и една девојка лежеше на страна, знам и се тресеше и некој рече кој знае да помогне си го проголтала јазикот. И јас земав, фатив, и го потегнав јазикот, ама јас не сум го правел тоа, не знам како. После стигнаа докторки, и помогнаа, ја измија, ја качија во една кола. Ми беше многу лошо, очите ме печеја и ми се вртеше свест. Ме качија во една кола, во колата имаше уште двајца со мене, свесни, изгорени, јас им ги држев главите право, да не си го голтнат јазикот. Во болницата кога ги однесовме директно им ставија кислород, проверија дали имаат пулс. Таму во болницата беше хаос, вели Јован.