Бројот на загинати во разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар достигна 2719, додека 4521 лице се повредени, а 441 се водат како исчезнати, според изјавата на генерал Мин Аун Хлајн, лидер на воената хунта во земјата. Генералот прогнозира дека бројот на жртви може да надмине 3000.
Неколку земји веќе испратија хуманитарна помош за Мјанмар и соседниот Тајланд, по земјотресот што ги погоди овие две југоисточни азиски држави во петокот. Напорите за помош се фокусирани на најпогодените подрачја во Мјанмар, каде што бројот на жртви постојано расте.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на Мандалеј, вториот најголем град во Мјанмар, со население од околу 1,5 милиони жители. Во соседен Тајланд, бројот на загинати се зголеми на најмалку 18, додека 78 се водат како исчезнати, најмногу меѓу градежните работници. Десет од жртвите загинале на градилиштето на новата зграда на Државната ревизорска служба на Тајланд, додека останатите осум загинале во други делови на градот, пренесува „Бангкок пост“.
Спасувачките операции продолжуваат, а вчера беа спасени три преживеани – две жени и едно дете, кои поминале околу 60 часа под урнатини. Петгодишно дете, бремена жена и 29-годишна жена беа извлечени од кинески тимови за итни случаи, како што јавува мјанмарската новинска агенција „Нау“, повикувајќи се на кинеската амбасада во земјата.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени предизвика уривање на голем број згради и оштетување на патишта, што дополнително ги отежнува спасувачките напори во погодените региони.